Финиш за инфаркт - прва победа на женската репрезентација по речиси три години (ФОТО)

Сениорската женска репрезентација на Македонија ја совлада Данска со 79-78 во мечот од првото коло на квалификациите за Европсккото првенство во 2027 година.

Натпреварот во Кале беше неизвесен буквално до последната стотинка бидејќи Данките неочекувано добија шанса да дојдат до победа кога се чинеше дека времето е изминато. На две десетикни пред крајот, имаа можност да изведат акција од под кош по една „мртва“ топка, но тоа се покажа недоволно за да ја уништат нашата радост.

Триумфот дојде како награда за борбената игра на македонските кошаркарки кои не не се предадоа дури ни кога противничките водеа со девет поени разлика (27-18) во втората четвртина. На голем одмор се замина со минимална предност на Данска (40-39), а потоа, речиси цело второ полувреме Македонија го диктираше темпото и се наоѓаше во водство. На нешто помалку од три минути пред крајот, Митрашиновиќ ја доведе Македонија во предност од 74-68 и се чинеше дека тука е крајот, но Данките потоа погодија две тројки и ја вратија неизвесноста.

На 35 секунди пред крајот Окосун ја донесе Данска на 78-79, нашите кошаркарки не успеаја да го реализираат следниот напад, но и противничките не се снајдоа најдобро и Македонија ја прослави првата победа на официјален натпревар по февруари 2023 година.

Одлично почна натурализираната Марит Хемпе која постигна 25 поени, а во второто полувреме се разбуди Анџелика Митрашиновиќ која сите свои 14 поени ги постигна во тие 20 минути, додавајќи уште 11 асистенции и шест скока. Голем дел од второто полувреме таа одигра со четири лични грешки, но успеа да остане на теренот до крајот. Се истакнаа уште Селцова со 17 и Стојановска со 15 поени.

И во второто коло македонската репрезентација ќе игра на домашен терен, в сабота од 18 часот против Грција.