ФИБА „нареди“: Македонските кошаркари во ноември ќе мора да патуваат во Италија и Естонија!

Македонската кошаркарска репрезентација во ноември ќе мора да ги одигра вторите два меча од квалификациите за ЕП 2021 на гости против Естонија и Италија, откако челниците на ФИБА решија да не го откажуваат овој прозорец ако баш немаат потреба од тоа.

Натпреварите во ноемврискиот циклус ќе може да се играат со публика и пред празни трибини, што зависи од локалните регулативи во земјите каде што ќе се организираат мечевите. Според сѐ уште актуелниот календар, Македонија на 27 ноември ќе треба да ѝ гостува на италијанската селекција, а три дена подоцна да отпатува и за Талин на мегдан со естонскиот ривал.

Според Бордот на директори на ФИБА, ако ситуацијата со пандемијата со коронавирусот биде актуелна и пред крајот на годината, тогаш овој прозорец ќе биде префрлен за февруари следната година, за кога требаше да финишираат квалификациите, а националните тимови последните два меча ќе ги одиграат во јули 2021 година.

Жолто-црвените лошо го почнаа походот за враќање на европска сцена, по пропуштениот настап на ЕП 2017 и паѓањето во најнизок ранг, откако прво загуби дома од Естонија, а потоа и на гости од Русија. Пласман на континенталниот собир ќе обезбедат трите најдобри селекции од секоја група.