„Евробаскет“ се исправи - нема Северна Македонија и Северномакедонци! (ФОТО)

Бурната реакција на македонската јавност по информацијата која вчера ја објави Спорт1 за преименувањето на државата и националноста во Северна Македонија и Северномакедонци, го примора сопственикот на најпосетуваниот светски сајт за кошарка „Евробаскет“ да ја исправи грешката и да ја врати претходната состојба.

Сега, на оваа интернет-страница, која во текот на денот ја посетуваат повеќе од еден милион вљубеници во овој спорт ширум планетата, повторно стои името со кое сме примени во ФИБА – БЈР Македонија. Огромниот број коментари, но и директни писма испратени до уредниците на „Евробаскет“ се причината за извојуваната битка, пред сѐ во делот на националноста на нашите кошаркари.

Според најавениот договор со Грција, националност Северномакедонец не е ниту спомената, ниту, пак, прифатлива за нашата држава поради што изненади начинот на кој овој реномиран сајт така лесно и непотребно реши да имплементира договор кој сѐ уште е во зародиш.