Естонија прокоцка плус 14: Италија ги остави нашите кошаркари во игра за ЕП 2021!

Кошаркарите на Италија игра надвор од конкуренција во квалификациската група Б за пласман на ЕП 2021, во која е и Македонија, но тоа не ѝ пречеше да дојде и до вториот триумф по ред, овој пат на гостувањето кај Естонија (87-81).

Подмладениот состав на „аѕурите“ по сигурната победа над Русија пред три дена, одиграа одличен меч во Талин, особено во второто полувреме во кои направија голем резултатски пресврт. Естонците долго ќе жалат за пропуштената шанса за потврда на успехот во Скопје, бидејќи во вториот период имаа предност дури со 14 поени (44-30). Но, Италијанците потоа се разиграа и со низа прецизни удари од далечина на крајот дојдоа дури и до релативно убедлива победа.

Микеле Витали со 22 и Џампаоло Ричи со 18 поени беа најпрецизни кај Италија, а Кристијан Кислинг со 22 поени беше најпрецизен кај Естонија.

ТАБЕЛА: Италија 2-0, Естонија 1-1, Русија 1-1, МАКЕДОНИЈА 0-2.