Естонија нѐ гази: Македонија во втората четвртина постигна само – пет поени!

Дури и најголемите скептици не очекуваа дека кошаркарската репрезентација на Македонија ќе има ваков ужасен старт на средбата на домашен терен против Естонија, откако противникот буквално нѐ згази во првото полувреме по кое има водство од дури 22 поени (45-23).

Жолто-црвените имаат големи проблеми во нападот, шутот не им оди, што најдобро може да се види од фактот што во втората четвртина постигнаа само пет поени. Ова дефинитивно е еден од најцрните учиноци во еден период во историјата на националниот тим, уште повеќе што реализиравме само двапати од поле. Ваквиот епилог ретко кој го очекуваше бидејќи по крајот на првиот дел од играта имавме само минус два (18-20), но потоа пет минути не поентиравме, а противникот направија серија 11-0, за да ја заокружи четвртината со речиси неверојатни 25-5.

На избраниците на селекторот Александар Тодоров не им помогна ниту енергијата од трибините, кои како одамна претходно не биле толку исполнето. Во салата „Борис Трајковски“ во моментов има повеќе од 5.000 гледачи.