Естонија на македонскиите кошаркари им „украде“ група со Грција и со Хрватска!

Македонската кошаркарска репрезентација да успееше да излезе подобра од директниот конкурент за пласман на ЕП 2022, селекцијата на Естонија, денеска ќе се радуваше на група со два исклучително атрактивни противници – Грција и Хрватска.

Жолто-црвените неуспешно ги завршија квалификациите за овој континентален собир, поради што наместо денеска да го чекаат џекпотот, мораа вчера да се задоволат со ждрепка за претквалификациите за СП 2023 со т.н. мали кошаркарски нации. Затоа, пак, Естонците ќе се подготвуваат за пресметки и со Украина, Велика Британија и со Италија, која ќе биде домаќин на оваа група.

Дефинитивно највозбудлива ќе биде групата Б во која силите ќе ги одмерат селекциите на Франција, Литванија, Словенија, Германија, Унгарија и БиХ, која веднаш по денешната ждрепка беше наречена како „група на смртта“. Ако овие репрезентации настапат во најсилен состав и со ѕвездите од НБА, тогаш тоа ќе биде пеколна пресметка на Лука Дончиќ со Јонас Валанчиунас и со големиот број француски играчи кои настапуваат во најсилната лига на светот. Србија, пак, ја доби најлесната група во која речиси и да нема конкуренција на првото место на крајот од првата фаза.

ЕП 2022 година ќе се одржи во Чешка, Италија, Грузија и Германија и тоа во периодот помеѓу 1. и 18. септември следната година, а ќе биде 41. издание на ова натпреварување. Пласман во следната нокаут-фаза ќе обезбедат четирите најдобри тимови во секоја од групите.