Естонците нѐ уверуваат: Не грижете се, за вас ќе го победиме и Косово во Приштина!

Селекторот на кошаркарската селекција на Естонија беше расположен по денешната победа над Македонија во Талин, со која неговата селекција и теоретски го осигура првото место во групата Ц, а со тоа и пласманот во квалификациите за СП 2019 во Кина.

По средбата, тој ја пофали играта на жолто-црвените, но и најави дека неговиот тим ќе одигра на победа и в сабота против Косово во Приштина, што ако биде остварено тогаш македонската селекција ќе биде вториот патник во мундијалскиот квалификациски циклус.

„Немаше преголема разлика помеѓу двете селекции на денешниот меч. Победникот го решија нијанси. Моите момци малку повеќе ја посакуваа победата, а една од причините за тоа беше и поддршката која ја добивме од навивачите. Без разлика на тоа што веќе сме први во групата, во Приштина ќе отпатуваме со најсилен состав решени да го победиме и Косово за на најдобар можен начин и без пораз да ги завршиме претквалификциите за СП. Исто така е важно да бидеме фер и коректни до самиот крај, без разлика што нашата победа ќе и оди во прилог на Македонија наместо на косовската селекција“, изјави по средбата естонскиот селектор Тит Сок за националната телевизија на оваа балтичка држава.

Естонија во моментов има скор 3-0, Македонија 1-3, а Косово 1-2. Во случај на триумф на Естонија во Приштина, нашата репрезентација ќе биде втора на табелата поради подобрата кош-разлика во меѓусебните дуели со Косовците.