Емил Рајковиќ лесно до шампионски хет-трик во Казахстан (ФОТО)

Еден од најдобрите македонски тренери во моментов, Емил Рајковиќ, ја продолжи жетвата титули како предводник на екипата на Астана, откако денеска, со уште еден првенствен триумф, ја потврди доминацијата на овој тим во Казахстан.

Неговиот состав со чисти 3-0 го „збриша“ Атирау во финалната серија и тоа со убедливи победи во трите натпревари. Денешниот трет триумф беше со резултат 88-65, додека претходните два беа со 94-80 односно 95-89.

За Рајковиќ ова беше комплетирање на шампионскиот хет-трик во Казахстан со пехари во последните три сезони, во кои исто така го освои и националниот куп на оваа земја. Тој со Астана константно игра одлично и во регионалната ВТБ-лига во која пред две години беше избран за – тренер на сезоната. Покрај него, со трофејот се „наслади“ и поранешниот тренер на Торус и Фени индустри, Сашо Тодоровски, кој работи како помошник на Рајковиќ.