„Џелатот“ на Македонија од ЕП 1999 е нов тренер на „гордоста на Израел“!

Поранешниот израелски репрезентативец, Одет Каташ, се враќа на клупата на Макаби Тел Авив, тимот со кој оствари најголеми играчки победи, но и каде што веќе работеше како предводник од клупата и тоа пред 14 години.

Негова последна тренерска станица беше Панатинаикос во 2021 година, што беше и прво искуство за него надвор од Израел, каде што претходно работеше во екипи како Хапоен Ерусалим, Хапоел Галил и Хапоел од Тел Авив. Тој беше и израелски селектор во периодот помеѓу 2017 и 2021 година.

Каташ е добро познат и на македонската кошаркарска јавност, како најзаслужен за триумфот на Израел во пресметката со Македонија на ЕП 1999 во Франција, каде што жолто-црвените дебитираа на големо натпреварување. Тој клучниот меч за пласман во втората фаза, кој израелците го добија со 64-62, го заврши со 18 поени, пет асистенции и четири скока, а беше инволвиран и во тешката повреда на нашиот тогашен лидер, Петар Наумоски, кој поради тоа одигра само 11 минути на оваа средба.