Двајца се тепаа, Пеце искористи: Илиевски е најголемиот губитник во обидот за пуч во МКФ!

Без сила да каже некој збор, стрелецот на најважниот кош за Македонија, Владо Илиевски, си замина од денешното Вонредно Собрание на МКФ на кое, барем според сопствените очекувања, требаше да биде крунисан во нов предводник на кошарката кај нас.

Но, наместо честитки и славење, разочарување и наведнати глави како кај него така и кај сите негови поддржувачи, како меѓу клубовите така и меѓу тие кои во неговото именување гледаа можност за се устоличат на некоја функција во федерацијата. Падна во вода неговата речиси двомесечна кампања, во која се вмешуваа дури и луѓе кои ниту на телевизија не гледале кошаркарски натпревар.

Илиевски бомбастично ја најави својата кандидатура за претседател на МКФ, објави дел од програмата, најави дека нема да зема плата како тој пред него, за на крај да истрча на терен за да собере доволен број потписи за вонреден собир на клубовите. Но, сметките му ги расипа другата струја, предводена од Даниел Димевски чие лице за јавноста беше поранешниот градоначалник на Куманово, Зоран Дамјановски-Циц. Работите се измешаа, силите секојдневно се менуваа, а дури имаше и кажувања „одозгора“.

Сетоа ова придонесе Наумоски да си ги зацврсти позициите и на крајот работата да се заврши според онаа народната – двајца се караат, третиот користи. Згора на тоа, популарниот Пеце се забетонира со одлуката да нема нов обид за смена во следните две години, што би можело и тоа како да влијае врз желбата на Илиевски во некоја поблиска иднина пак да се кандидира за претседател на МКФ.

А, до тогаш, македонската јавност повеќе ќе го памети по тројката дадена против Литванија за историски пласман во полуфиналето на ЕП 2011 отколку по денешното фијаско за избор за претседател на МКФ.