Добра вест: Кошаркарите против себе ќе имаат само 250 навивачи на Естонија!

Влошената ситуација со пандемијата со коронавирусот го примора организаторот на квалификацискиот „балон“ во Талин, каде што ќе настапат и кошаркарите на Македонија, да ја стопира продажбата на билетите и да се збогува со можноста за поддршка од полна сала, откако естонската влада го ограничи бројот присутни на настани во затворен простор на само – 250.

Новите мерки ќе почнат да се применуваат од 28 ноември, точно на почетокот на турнирот од ноемврискиот квалификациски прозорец на ФИБА, кога жолто-црвените ќе ги одмерат силите со Италија. Тоа значи дека за клучниот, за нас, дуел со Естонците, кој ќе се одигра на 30 ноември, домаќинот нема да ја има поддршката од полните трибини туку само од мала група фанови, кои ниту од далеку нема да бидат бучни како кога се игра пред распродадена сала.

Ова дефинитивно е добра вест за избраниците на селекторот Александар Тодоров, кои доцна синоќа пристигнаа во Талин и тоа по 18-часовна авантура преку Софија и Франкфурт. Во естонската престолнина се најдоа десетте кошаркари кои изминатиов период тренираа во Скопје (Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Кристијан Николов, Филип Бакоч, Лука Савичевиќ, Леонид Тодоровски, Марко Симоновски, Бојан Трајковски, Виктор Ефремовски и Љубомир Младеновски) на кои за време на патот им се приклучија интернационалците Војдан Стојановски и Џејкоб Вајли.

Македонија го загуби првите два меча од квалификациите за ЕП 2022, прво дома од Естонија со негатива од девет поени разлика (62-71), поради што пред нашите репрезентативци е да го победат домаќинот на турнирот со најмалку двоцифрена разлика, бидејќи само така ќе останат во игра за едно од местата кои водат на континенталниот собир. Пласман на ЕП ќе обезбедат двете најдобри селекции во конкуренција на македонската, естонската и на руската репрезентација, со оглед што Италија е веќе пласирана како домаќинот на собирот на најдобрите во Европа.