Кошаркарската репрезентација на Македонија утринава ги почна подготовките за претквалификациите за ЕП 2021 со првиот тренинг на кој задоцни селекторот Јорданчо Давитков поради проблеми со авионските конекции, а на кој од планираните ги немаше Ѓорѓи Чековски и Бојан Трајковски.

Популарниот Станко се повреди на синоќешниот меч на Работнички против Гостивар додека крилниот центар на МЗТ Скопје има проблеми со препоните, поради што во моментов не е познати дали барен еден од нив двајца ќе може да се појави во жолто-црвениот дрес на средбите против Словачка на гости и Швајцарија дома (23 и 26 ноември). Трајковски на кратко се појави во салата, но само да ја објасни својата ситуација пред да замине на рехабилитација. Стручниот штаб новата репрезентативна епизода, на најниско можно ниво во европската кошарка, ја почна со 14 кошаркари меѓу кои малку изненадувачки не беше Марјан Јаневски од Куманово како и џинот од Блокотехна, Марко Дујковиќ.

На првиот собир истовремено беше официјализирано тоа што го објавивме пред десетина дена, фактот што Македонија за првпат по 15 години ќе почне нов циклус без странско засилување. Американците од поширокиот список, Џордан Теодор, Ричард Хендрикс и Лестер Бо Мекејлеб или не можеа или не сакаа да играат, а раководството на МКФ не успеа навреме да му обезбеди македонски пасош на кошаркари на Работнички, Маркус Гинјард.

Новиот репрезентативен систем не му дозволуваат на селекторот Давитков премногу простор за работа со оглед што до првата средба има само два дена. Негова примарна задача е да ги постави основите на играта и да се обиде да ја зголеми самодовербата кај своите избраниците, која дефинитивно е на најниско ниво по бламажата минатото лето кога бевме последни во група во која беа уште и Естонија и Косово.

Список играчи кои се појавија на првиот тренинг: Александар Костовски, Андреј Магдевски, Бобан Стајиќ, Андреј Маслинко, Ненад Димитријевиќ, Адем Мекиќ, Дарко Соколов, Димитар Караџовски, Бојан Крстевски, Дамјан Стојановски, Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски, Кирил Николовски, Љубомир Младеновски.