Давитков по четврти пат шампион на Кувајт и тоа без ниту еден – пораз!

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Јорданчо Давитков, оствари огромен успех со својот тим Ал Кадсија, откако синоќа, по победата над Ал Кувајт (76-75), директниот конкурент и бранител на трон, дојде до титулата во Кувајт.

За популарниот во тој дел на светот Џорданко, ова е четврти шампионски трофеј во оваа земја на Блискиот Исток. Претходно, тој со Ал Кадсија беше првак во 2009, 2010 и 2011 година, по што замина во Обединетите арапски емирати (ОАЕ) каде што работеше до пред неколку месеци. Успехот на Давитков е уште поголем ако се знае дека е остварен со перфектен скор 10-0, односно без ниту еден претрпен пораз во текот на целата сезона.

Ова дефинитивно ќе биде дополнителен мотив за селекторот пред претстојниот репрезентативен, во кој Македонија ќе ѝ гостува на Швајцарија (28 јуни) за потврда на првото место во групата во првата фаза од претквлаификациите за пласман на ЕП 2021.