Давитков: Нѐ збунија полните трибини, се одвикнавме да играме пред многу публика!

Едно полувреме во грч, па фантастична трета четвртина и последни десет минути во кој се одржа обезбедената позитива е кусаата анализа на вечерашната победа на Македонија на домашен терен против Швајцарија, која селекторот Јорданчо Давитков ја оцени како огромен исчекор кон посакуваното успешно минување на првата фаза од претквалификациите за ЕП 2021.

За полошата игра од очекуваното во првите две четвртина, според стратегот на жолто-црвените, „виновна“ била две илјадната публика која ги изненадила неговите избраници.

„Победивме нешто потешко од очекувањата. Можеби за тоа придонесе фактот што имаше повеќе публика од што се надевавме и се навикнавме на изминатите средби, па затоа во првото полувреме одигравме како во грч. Нивните центри ни правеа проблеми бидејќи беа побрзи од нашите. На полувремето го корегиравме тоа и работите си дојдоа на место. Можеби не беше квалитетен напревар како во Словачка, но беше доволен за да извојуваме убедлив триумф. Благодарност за сите играчи кои дојдоа за издвоеното време. Жалам што овој тим не го имавме во август бидејќи сигурно ќе беше подобро во претквалификациите за СП 2019. Со овие две победи сме на чекор до првото место во групата, иако нѐ очекуваат тешки два натпреаври до крајот на циклусот“, изјави Давитков.

Според селекторот, рано е да се говори кој ќе настапи во следниот квалификациски прозорец во февруари, но нагласи дека кај него никој однапред не е отпишан. Воедно, тој потенцира дека овој систем репрезентативни натпревари, во текот на сезоната, некако повеќе ѝ одговара на Македонија наместо долгите летни подготовки во кои е потешко да се соберат најдобрите кошаркари.

„Додека сум селектор ниту еден кошаркар нема да биде отпишан. Кај мене нема суети и разни приказни. Би му се заблагодарил на Хендрикс, кој дојде во последен момент, но кој одигра одличен меч во Словачка, а вечерва играше колку што беше потребно. Овој систем повеќе ни одговара повеќе отколку летните подготовки од 40 дена, но тоа е мое лично размислување“, дополни Давитков.

Жолто-црвените сега имаа скор 2-0 додека Словачка и Швајцарија имаат по 0-1. Во февруари ќе одиграме само еден меч и тоа дома против Словаците.