Давитков: Нека помине мечот Косово-Естонија па ќе збориме за иднината на нашата кошарка!

Со поразот од Естонија (65-74) македонските кошаркари ја пропуштија последната шанса сами да си ја решат судбината кога е во прашање пласманот во квалификациите за СП. Каква ќе биде иднината - допрва ќе видиме.

Селекторот Јорданчо Давитков по натпреварот изјави дека е задоволен од голем дел од натпреварот, но во клучни моменти и елементи од играта потфрливме. Најранливи бевме во дефанзивниот скок, а хендикеп ни беше и кратката клупа.

„Имавме голем притисок пред мечот, бидејќи беше многу важен за нас. Игравме добра одбрана, во Скопје ни дадоа 13 тројки, сега само четири. Би рекол дека 30 минути игравме добро, три четвртини се држевме, но натпреварот го загубивме во скокот. Особено потфрли нашиот дефанзивен скок, а противникот фати доста топки под нашиот кош и тоа беше клучно. Исто така одигравме лошо во нападот во последната четвртина. Естонија е добар тим. Се обидовме да одиграме квалитетно, тоа ни успеа три четвртини, но нашиот состав е краток, ни недостасуваат уште искусни играчи. Сега надевам дека Естонија ќе победи во Косово. Ако играат како во Скопје кога погодија 13 тројки, Естонците ќе победат и во Приштина. По завршувањето на тој меч, ќе разговараме за иднината", изјави Давитков по мечот.