Давитков: Не знам како ѝ дозволиле на Словачка да игра со двајца Американци!

Со мало, оправдано задоцнување, селекторот Јорданчо Давитков го почна денешниот прв тренинг на македонската кошаркарска репрезентација означувајќи го почетокот на претквалификацискиот циклус за ЕП 2021 во кој ќе треба да ги одмериме силите со Словачка и со Швајцарција.

Неуспехот во пресметките со Косово и со Естонија минатото лето не доведоа во ситуација да мора да минеме низ две претквалификациски сита за да дојдеме воопшто во ситуација да се бориме за настап на следниот континентален собир. Репрезентацијата првпат по една ипол деценија ќе игра без странец, а според предводникот на националниот тим, лидерската палка треба да ја преземат помладите.

„Ќе видиме каква е повредата на Чековски, па ќе решиме што и како со неговиот статус во репрезентацијата, а дефинитивно ќе играме без странец. За Трајковски, пак, знам дека треба да биде во екипата, а зошто не тренира сега навистина не знам. Ќе видиме деновиве каква ќе биде ситуацијата поврзана со него. Репрезентацијата ќе биде подмладена, со играчи кои во иднина ќе треба да бидат во улога на лидери. Словачка добро ја знаеме, додека Швајцарија можеби е нешто поголема непознаница иако имам доволно информации за неа. Словаците дефинитивно ќе ни бидат најголемиот ривал со двајца Американци во тимот, едниот натурализиран, а другиот не знам каков е, ама им дозволиле да играат на таков начин. Ќе одиграме најдобро што можеме, а што ќе ни донесе тоа ќе видиме в недела навечер, после вториот натпревар од овој циклус“, изјави Давитков.

Македонија веќе задутре ќе ѝ гостува на Словачка во градот Попрад, додека в недела во „Јане Сандански“ ќе ја пречекаме Швајцарија. Следните дуели против истите ривали се во февруари односно јуни следната година.