Давитков и Војдан во еден глас: Нема калкулации, Словачка мора да биде победена!

На два дена пред пресметката со Словачка во претквалификациите за ЕП 2021, селекторот на репрезентацијата на Македонија, Јорданчо Давитков и капитенот Војдан Стојановски буквално во еден глас потврдија дека единствена опција за жолто-црвените на оваа средба е – победа.

Словаците беа совладани на стартот од овој циклус на нивни терен, а мотивот во нашата селекција е уште поголем ако се знае дека евентуална победа во неделната пресметка ни го осигурува пласманот во следната фаза од претквалификациите.

„Нѐ очекува натпревар во кој нема што да калкулираме. Ппобедивме во Попрад, се надевам дека ќе победиме и в недела. Противникот има солидна екипа, со екстра-играч Кајл Курич, кој е извонреден шутер. Го имаат уште Седма, кој е искусен и малку постар, но сепак може да помогне. Тука е и тренер кој доаѓа од екс-Ју просторите. Но, што и да е, мислам дека по победата во Словачка треба повторно да победиме. Одиме чекор по чекор, одигравме два добри меча во ноември и се надевам дека ќе се вратиме таму кадешто ни е местото“, изјави Давитков.

Селекторот гледа и место за напредок во играта, посебно во нападот.

„Има место за простор за напредок во нападот. Играчите веќе ја препознаваат мојата филозофија на игра. Со Швајцарија беше малку стегнато, имаше притисок, но сега мислам дека ситуацијата ќе биде поинаква. Сите што дојдоа на подготовките работат максимално, а мал проблем има само ненад Димитријевиќ кој синоќа не тренираше поради повреда на препоната. Поради вакви работи составот кој ќе ѝ се спротивстави на Словачка ќе го одредам утре“, додава предводникот на националниот тим.

Своите очекувања пред новинарите ги искажа и еден од браќата-близнаци Стојановски.

„Сите знаеме колку е важен овој натпревар за нас. Најважно е да нема опуштање в недела и да одиграме како што знаеме. Не треба да дозволиме победата во Попрад да нѐ опушти. Ако почнеме добро во одбрана нема да имаме проблем на натпреварот“, изјави Војдан.

Неделната средба се игра во „Јане Сандански“ со почеток од 20.15 часот, а влезот е бесплатен.