Давитков ги избра најдобрите: Се враќа Хендрикс, ама не и Димитријевиќ!

Селекторот на македонската репрезентација, Јорданчо Давитков, денеска го објави списокот со 14 кошаркари на кои смета за претстојниот исклучително важен дуел со Романија (следниот четврток), на кој нема промени освен што на местото за натурализиран играч се враќа Ричард Хендрикс.

Центарот на француски Ле Ман поради семејни проблеми го пропушти претходниот дуел со Косово, па на негово место беше повикан Шејн Витингтон, но овој пат е подготвен да им помогне на соиграчите на тешкото гостување во Плоешти. На списокот повторно го нема талентираниот Ненад Димитријевиќ од шпанскиот прволигаш Хувентуд.

Македонија на овој меч ќе влезе со желба за победа и перфектен крај на претквалификациите за ЕП 2021 иако за освојување на посакуваното прво место во групата би ни бил доволен и пораз со најмногу 14 поени разлика. Мини-подготовките за овој дуел почнуваат задутре, а в среда селекцијата ќе отпатува за Романија.

СПИСОК КОШАРКАРИ ПОВИКАНИ ОД ДАВИТКОВ: Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Александар Костоски, Дарко Соколов, Бобан Стајиќ, Андреј Магдевски, Димитар Караџовски, Марко Симоновски, Стојан Ѓуроски, Бојан Трајковски, Љубомир Младеновски, Бојан Крстевски, Андреј Маслинко, Ричард Хендрикс.