Давитков анализира: Одговорноста за неуспехот е моја и јас не бегам од тоа!

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Јорданчо Давитков, целосно ја прифаќа одговорноста за неуспешниот настап во претквалификациите за СП 2019 во кои жолто-црвените со скор 1-3 завршија како последни во групата Ц, зад Естонија и Косово кои продолжија понатаму.

Во својата првична анализа за „Спорт 1“, искусниот стратег се обидува да го лоцира клучниот фактор за овој, според многумина, катастрофален резултат, но и да даде насоки како да се кренеме од дното, без разлика на тоа кој ќе ја предводи федерацијата односно кој ќе седи во селекторското столче.

„Како и да се гледа на работите, ова е неуспех за репрезентацијата и за мене лично како селектор. Причини за ваквиот епилог во претквалификациите има многу, тие се субјективни, но и објективни и во следниот период ќе излезат на виделина. Но, без разлика на сѐ, би сакал да им се заблагодарам на сите во националниот тим што го потрошија летото во обид да сториме нешто повеќе за македонската кошарка. Но, отсуството на осум-девет исклучително квалитетни играчи тешко можеше да се надомести и затоа се случи тоа што се случи во пресметките со Естонија и со Косово“, е првиот коментар на Давитков.

Селекторот сѐ уште не може да го заборави поразот од Естонците на домашен терен, но и фактот што во подготовките без Американецот Џордан Теодор победивме три селекции кои се пласираа во квалификациите, а со него во составот не можевме да дојдеме до посакуваната цел.

„Пласманот на едно од првите две места во групата го загубивме на средбата против Естонија во Скопје. Тоа е меч кој долго ќе го паметам, пред сѐ промашените 15 слободни фрлања и судискиот критериум во кој ни досудија пет неспортски и една техничка грешка. Да победивме на овој натпревар, што со играта во првото полувреме и го заслуживме, сѐ ќе беше поинаку. Во овој сегмент би го додал и настапот на Американецот Џордан Теодор, кој едноставно не се поврза со останатите во репрезентацијата на вистински начин, не создаде хемија помеѓу него и останатите репрезентативци. Настапи како исклучителен индивидуалец и кога треба, но и кога во преден план треба да биде тимот. Колкав е неговиот придонес или улога во сето ова покажува и фактот што пред неговото доаѓање ние победивме селекции како БиХ, Холандија и Бугарија кои се пласираа во квалификациите за СП, а со него во составот не успеавме да ја оствариме примарната цел“, дополнува предводникот на македонскиот национален тим

Според Давитков, малата минутажа во матичните клубови на голем дел од репрезентативците исто така се покажала како важен фактор во катастрофалниот епилог на крајот од претквалификациите.

„Без разлика на тоа што се случуваше летово, многу работи мора да се сменат во македонската кошарка ако сакаме да се мрднеме од дното. Репрезентацијата не е место каде што се дава шанса на играчите, туку тоа треба да бидат клубовите. Тие таму треба да играат и созреваат, а во националниот тим да се собира кремот кој би го донел потребниот резултат. Кај нас сега ситуацијата беше спротивна. На располагање имав кошаркари кои малку или воопшто не играат во клупските средини, а требаше да имаат свој придонес на едно повисоко ниво. Тоа во овој спорт не е можно. И, ако продолжи овој тренд, уште полоши работи ќе ѝ се случат на македонската кошарка“, објаснува поранешниот тренер на Никол Ферт, Работнички, Балкан Стил, Неметали Огражден, Струмица...

Првиот човек на избраниот тим не бега од одговорноста и во моментов ја подготвува анализата за сѐ што се случуваше во изминатите речиси два месеци.

„Одговорноста за овој неуспех е моја како тренер и селектор и јас не бегам од тоа. Пред мене е период на анализа на тоа што го покажавме, но и зошто така одигравме. Дури потоа ќе решам што и како понатаму. Факт е дека без играчите кои ни откажаа, ние едноставно немаме тим за највисок дострел. Тоа е реалноста која сите треба да ја прифатиме. Но, на сите треба да им е јасно дека македонските играчи треба да играат сѐ повеќе и повеќе во своите клубови, без разлика кој е на чело на федерацијата или на репрезентацијата. Мора да направиме голем рез, да создадеме стратегија која ќе донесе резултат на подолги стази. Треба да заборавиме сѐ што било претходно и да тргнеме од почеток. Едноставно, нема поинаков начин за кревање по еден ваков нокаут“, завршува Давитков.

Премногу време за анализи и нема бидејќи Македонија веќе во ноември ја очекува настап во дивизијата Б каде што засега сигурни противници ни се Албанија, Словачка, Ерменија и Португалија, кои исто како нас не ги минаа претквлаификациите. Има најави дека ќе играме и против егзотични држави како Молдавија, Гибралтар, Малта, Луксембург, Андора, но ФИБА допрва треба да го објави списокот на селекции кои ќе играат на ова, би се рекло, рекреативно-аматерско ниво.

ИГОР КРСТЕВСКИ