Црно ни се пишува: „Фудбалска“ Португалија ни ја прегази кошаркарската иднина!

Кошаркарите кои според возраста се најблиску до влез во најдобриот репрезентативец тим претрпеа уште една бламажа на младинското Европско првенство (ЕП), дивизија Б, откако вечерва беа декласирани и во вториот меч и тоа против „фудбалска“ Португалија (39-73), која е домаќин на ова второлигашко натпреварување за играчи до 20 години.

Жолто-црвените прикажаа уште една ужасна игра, за што најдобро говори што во првата четвртина постигнаа само три поени, а на крајот од првото полувреме имаа само десет повеќе. Противникот потоа калкулираше со минутажата на најдобрите, па затоа на крајот загубивме со „само“ 34 поени разлика.

Избраниците на селекторот Дарко Радуловиќ уште еднаш имаа ужасен шут од поле од каде што погодуваа со мизерна 27-отстотна прецизност, а повторно беа катастрофални во организацијата на играта за што потврда е неверојатната бројка од 32 загубени топки. Овие две работи исто како и во вчерашниот пораз од Белгија беа кличен фактор за вториот дебакл на Македонија на собирот во Португалија.

Со оглед на ужасната игра во нападот, разбирливо во жолто-црвената селекција имаше само еден кошаркар со двоцифрен поентерски ефект и тоа Лука Стојановски, кој реализира 11 поени, но со дури седум загубени топки.

Пред избраниците на Радуловиќ се два слободни дена во кои тој и стручниот штаб ќе се обидат да направат нешто барем да се спречи срамот кој го видовме во првите две средби. Македонските младинци следниот дуел ќе го одиграат во вторник против Луксембург.