Чесите влегоа како огромен аутсајдер во денешната пресметка со Бразил од втората фаза на Светското првенство (СП), но одиграа магично во сите 40 минути и буквално го прегазија досега непоразениот противник со 93-71, со што буквално направија хаос во групата К во која се уште и САД и Грција, а во која сега буквално е сѐ можно.

Селекцијата на Чешка везеше на паркетот, па на моменти потсетија на магичните партии кои на Мундобаскетот ги прикажуваат нивните колеги од Србија. „Кариоките“ во натпреварот влегоа помалку самобендисано, мислејќи дека фактот што ги победија Грците во првата фаза ќе делува застрашувачки кај противникот. Но, Томаш Саторански и соиграчите беа маестрални и веќе пред крајот на првото полувреме дојдоа до плус 15 (45-30) со што речиси го обезбедија триумфот.

Саторански со 20 поени, седум скока и девет асистенции беше убедливо најдобриот поединец на теренот, додека голема помош имаше од Балвин со 15 поени и 11 скока и Ауда со 14 поени. Витор Бените со 12 поени беше најпрецизен кај „кариоките“.

Чешка сега има скор 3-1, идентичен како и Бразил. САД има 3-0, а Грција 2-1. Многу работи ќе бидат познати по големото дерби помеѓу овие две селекции, но сигурно е дека последните мечеви, во кои Чесите ќе играат против нашиот јужен сосед, а Бразилците против Американците ќе ги дадат патниците во четвртфиналето.