Македонската кошаркарска репрезентација до 16 години обезбеди пласман во А-дивизијата, откако денеска го освои третото место на Европското првенство Б-дивизија, што се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.

Нашите млади таленти ја совладаа Чешка со убедливи 84-66 и дојдоа до големиот успех. Кошаркарите одлично се вратија по вчерашниот убедлив пораз од домаќинот БиХ и денеска одиграа на високо ниво.

Водеа во текот на целиот натпревар, а клучната разлика ја направија во третиот период. Избраниците на селекторот Александар Јованчев експлодираа по полувремето и дојдоа до предност од 29 поени или 69-40. Потоа следуваше мал пад во играта, што Чешка го искористи да направи серија од 0-9.

Нашите кошаркари не дозволија противникот да се понадева на некаков сензационален пресврт и со сигурна игра ја задржаа предноста за конечна победа од 84-66 за да се закитат со брознениот медал. Ова е втора македонска младинска селекција што обезбедила промоција во повисок ранг, по генерацијата на Предраг Самарџиски и браќата Војдан и Дамјан Стојановски кои во 2006 година играа вп финалето во категоријата за играчи до 20 години.

Марко Миловановиќ со 23 поени и 14 скока беше најдобар во составот на Македонија, а двоцифрен ефект имаа уште тројца кошаркари. Андреј Андоновски постигна 15 поени, додека по 10 поени постигнаа Павел Данаиловски и Лука Савичевиќ.