Беше „Мистер кошарка“, играше за Македонија, па заврши на - фарма со крави!

Поранешниот репрезентативец, Мајкл Вилкинсон, деновиве е повторно актуелен во македонските медиуми и тоа скоро една ипол деценија по настапите во жолто-црвениот дрес, а причина за тоа беше неговиот прием во Куќата на славните на својот матичен универзитет Висконсин.

Поради своите одлични настапи уште на средношколско ниво, во 2000 година беше прогласен за „Мистер кошарка“ во американската држава Висконсин, признание кое се доделува во последните четири децении и кои завршило во рацете на многу поранешни и сегашни НБА ѕвезди. Тој на универзитетот мина четири години (2001-2005) со просек од 14,3 поени, поради што доби можност да влезе меѓу бесмртните.

Вилкинсон е еден од најдобрите крилни играчи во европската кошарка кон крајот на минатата деценија, кој одигра шест натпревари во жолто-црвениот дрес во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2007 година, а кој во 2014 година неочекувано се пензионира и тоа на само 33-годишна возраст. Причина за тоа беше желбата да им се врати на корените и да се вклучи во семејниот бизнис.

Веднаш по враќањето во САД ја откупува половина од фармата од својот татко и од утро до вечер е посветен на кравите и на сите обврски кои ги носи оваа напорна работа. Но, кошарката ја нема заборавено, па помеѓу косењето сено и молзењето крави, сепак, наоѓа време за шутирање и играње баскет на игралиштето кое го направил на веднаш до своето работно место.

Многумина се чудат на ваквата негова одлука, уште повеќе што во својата кариера има играно за екипи како Арис, Химки, Галатасарај, Уникс Казан, Локомотив Кубан и Левски, каде што ретко заработувал помалку од 300.000 долари годишно во својата десетгодишна кариера.

„Во природа сум момче од село и не се срамам од тоа. Тука ми е добро, пред сѐ мирно. Станувам во четири часот наутро, ги молзам кравите, го изведувам стадото на пасење, чистам. Навечер играм баскет со пријателите од гимназија. Ми недостасува Европа исклучиво поради пријателите, а најмалку ми фали тоа што половина живот ми мина во авиони, а сите мои работи можеа да се сместат во еден куфер“, вели Вилкинсон.

Вилкинсон на универзитет Висконсин дипломирал на отсекот бизнис-менаџмент и економија. За жолто-црвените во просек реализираше 6,7 поени и 7,7 скока.