Бајиќ: КФМ ми даде договор на четири години, ама сакам да останам – цела деценија!

Српскиот тренер , Драган Бајиќ, од денеска и официјално е нов селектор на Македонија, откако беше промовиран од челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), кои потенцираа дека договорот е полдогорочен односно на четири години.

Станува збор за два циклуси, тоа се (прет)квалификациите за СП и потоа за ЕП.

„Благодарност за челниците на КФМ за довербата што ми ја доверија. Чест е да се биде селектор на Македонија и тоа именуван од поранешни играчи, кои работеле со многу квалитетни стратези. Ќе се обидам да останам не четири, туку десет години, што значи дека ќе имаме успеси и добри резултати“, изјави Бајиќ.

Тој потенцира дека не ги познава добро македонските кошаркари, особено младите, но дека тоа нема да биде пречка да го стори тоа во следниот период.

„Шанса ќе добијат сите кошаркари што го заслужуваат тоа. Со мојот темперамент ќе се обидам да го извлечам најдоброто од моите избраници. Ќе мора да бидеме сите како едно семејство, да дишеме како едно. Само така може да дојдеме до посакуваната цел. Младите дефинитивно ќе добијат шанса, но никој нема да има загарантирано место само затоа што има талент и 19 години“, дополни новиот предводник на жолто-црвените.

Бајиќ воедно нагласи дека доаѓа во средина и град кои му биле среќни досега во кариерата.

„Никогаш не сум загубил во Скопје, тоа ми е среќен град“, изјави Бајиќ.

Првата задача за новиот селектор се претквалификциите за СП закажани за во август.