Кошаркарите на Шпанија вторпат во седумдецениската историја на Мундобаскетот е најдобра во светот, откако попладнево, далеку полесно од очекувањата, во големото финале на Светското првенство (СП) во Кина ја совлада Аргентина со 95-75.

За „црвената фурија“ ова е повторување на успехот од 2006 година во Јапонија, кога во битката за златото ја совлада Грција, исто така на убедлив начин како што денеска беше подобра од „гаучосите“ (70-47). Избраниците на селекторот Серхио Скариоло апсолутно заслужено се најдоа на највисокото место на тронот, со оглед што на патот кон златниот медал беа подобри од селекции како Србија, Италија и Австралија. До трофејот дојдоа со максимален ефект од осум победи во исто толку средби, а пред нив паднаа уште и Тунис, Порторико, Иран и Полска.

Аргентинците едноставно немаа шанси да ја продолжат сопствената бајка во Кина, каде што со фантастична борбеност ги освоија срцата на сите неутрални вљубеници во кошарката ширум светот. Не ги повторија фантастичните игри од четвртфиналето против Србија и од полуфиналето против Франција, не се снајдоа во агресивната одбрана на Шпанците поради што на крајот мораа да се задоволат со второто сребро во историјата. „Гаучосите“ имаат злато од првиот Мундобаскет во 1950 година, а беа поразени во финалето на шампионатот во 2002 година во Индијанаполис и тоа од СР Југославија.

Конечниот епилог на денешното финале можеше да се „намириса“ уште по првите неколку минути, по кои Шпанците поведоа со 14-2. Следуваа 11 поени во низа на Аргентинците, но тоа не ја заплаши „црвената фурија“, која на ова одговори со серија 17-1 за највисоки во првото полувреме плус 17 (31-14) и обезбеди предност која на крајот им го донесе златото. Највисокото водство на пулените на Скариоло изнесуваше 22 поени (55-33), а најмногу што направија аргентинските кошаркари беше во неколку наврати да намалат на минус 12 во последниот период.

Рики Рубио со 20 поени и седум скока беше најпрецизен во составот на Шпанија, Серхио Љуљ постигна 15, а Марк Гасол средбата ја заврши со 14 поени, седум скока и седум асистенции. Кај Аргентина најпрецизни беа Габриел Дек со 24 и Николас Лапровитола со 17 поени, а потфрли ветеранот Луис Скола, кој средбата ја заврши со осум поени, но шут од поле 1/10.

Бронзениот медал заврши кај кошаркарите на Франција, кои во „малото финале“ беа подобри од Австралија (67-59). Следниот Мундобаскет е за четири години односно во 2023 година, а домаќини ќе бидат Филипини, Јапонија и Индонезија.