Антиќ: Јас одамна сум во пензија, но Мекејлеб добро би ѝ дошол на Македонија!

Најтрофејниот македонски кошаркар на сите времиња, Перо Антиќ, уште еднаш потврди дека нема намера пак да го облече македонскиот репрезентативен дрес иако е на поширокиот список на селекторот Јорданчо Давитков за претквалификациите за ЕП 2021 што го сфаќа како – провокација.

Играчот на Црвена звезда по вчерашниот пораз од Олимпијакос во Евролигата уште еднаш потенцира дека одамна е повлечен од националниот тим, но дека би сакал во жолто-црвената опрема уште еднаш да го види поранешниот соиграч, Лестер Бо Мекејлеб.

„Кога наполнив 30 години решив да се повлечам од репрезентацијата. А тие и понатаму го ставаат моето име на списокот само за да докажат нешто“, изјави Антиќ за порталот „Јурохупс“.

Со тоа паѓаат во вода неговите изјави од минатото лето кога потенцираше дека пак би заиграл за Македонија ако се пласира во квалификациите за СП 2019. Тоа не се случи, но според овие изјави и да се случило тешко дека Антиќ би се одзвал на поканата на Давитков. Но, тој има предлог кој од тројцата пријавени натурализирани кошаркари да биде повикан за средбите со Словачка и Швајцарија (23 и 26 ноември).

„Би сакал пак да го видам Мекејлеб во репрезентацијата, тој добро би ѝ дошол на оваа Македонија, на репрезентацијата на која во минатото и тоа како ѝ помогнал. Овие средби се шанса за младите да се покажат“, дополнува Антиќ.