Антиќ, Илиевски и Мекејлеб во игра за најдобрата петорка на 21. век од – малите земји!

Тројца македонски репрезентативци од легендарната генерација која го освои четвртото место на Европското првенство (ЕП) во Литванија се најдоа меѓу кандидатите во изборот на најдобрата петорка од континенталните собири помеѓи 2000 и 2020 година од – малите земји.

Луѓето од Светската кошаркарска федерација (ФИБА) ги сместија Перо Антиќ, Владо Илиевски и Лестер Бо Мекејлеб меѓу вкупно 16 играчи за кои кошаркарските фанови ќе може да гласаат во следните неколку недели. Станува збор за група кошаркари чии репрезентации имале забележителни настапи на првенствата на најдобрите во Европа, но не успеале да влезат до крај во борбата за медали.

Македонија заедно со Црна Гора има најголем број претставници во оваа конкуренција, по тројца, со оглед што оваа поранешна југословенска република е претставена со Предраг Дробњак, Никола Вучевиќ и Никола Пековиќ. Меѓу тие за кои фановите можат да гласат се уште и Мирза Телетовиќ (БиХ), Луол Денг (В. Британија), Лаури Марканен, Петери Копонен (Финска), Адам Ханга (Унгарија), Јон Стефансон (Исланд), Сем Ван Росом (Белгија), Марчин Гортат (Полска), Јонас Јеребко и Џефри Тејлор (Шведска).