Антиќ и од вториот селектор во својот мандат се откажа без да му каже – благодарам!

Ако откажувањето од Јорданчо Давитков како селектор на македонската кошаркарска репрезентација при неговото доаѓање на чело на КФМ беше сфатено како желба да се тргне по сопствена патека со оглед што го наследи на таа функција, необјавувањето на било што за Александар Тодоров во однос на неговото извршување на предводничката функција на избраниот тим, дефинитивно може да се протолкува како чуден начин на комуникација на Перо Антиќ со луѓето кои ја предводеле националната гордост.

Денешната најава од Куќата на кошарката дека в понеделник ќе го промовира новиот селектор, без притоа да се каже нешто за статусот на досегашниот предводник (без разлика што му бил завршен договорот), донесе големо изненадување во кошаркарските кругови. Особено што спортскиот директор Тодор Гечевски на неодамнешната отчетна прес-конференција на КФМ по неуспехот во квалификациите за ЕП 2022 јавно најави „разгледување на извештајот на Тодоров, а потоа со заеднички сили со најдобрите 'стручњаци' во државата и разгледување на можноста дали да се продолжи соработката со Тодоров, што секако стои како опција“.

И без воопшто да ја информираат јавноста дали Стручниот совет дал свое мислење за работата да досегашниот селектор и какво било нивното мислење за евентуалното продолжување на завршениот договор, од КФМ само штури најавуваат промоција на неговиот наследник. Без ниту еден збор за човекот кој две години седеше на „жешката клупа“, кој оствари две победи во квалификациите и кој поради полоша кош-разлика не се пласира на следниот континентален собир.

Ако ништо друго, Антиќ можеше преку официјалната интернет-страница на КФМ прво да извести дека нема да го продолжи договорот со Тодоров, кој по игра на случајноста е и член на Стручниот совет кој требаше да решава за неговата судбина и во манирот на големите клубови и федерација да му изрази благодарност за тоа што го направил и да му посака среќа во продолжение од кариерата. Па дури тогаш да најави промоција на неговиот наследник, кој најверојатно ќе биде српскиот стратег Драган Бајиќ од Игокеа.

Фактот што тоа не беше направено ниту во претходниот идентичен случај со Давитков, покажува дека ова не е обичен гаф туку избор на првиот човек на КФМ како да комуницира со луѓето на кои претходно им била доверена најодговорната тренерска позиција во државата. А, што секако треба да биде и поука односно опомена за останатите македонски тренери што би можело да ги чека, ако некогаш добијат понуда да работат со некоја национална селекција во мандатот на Антиќ.