Животна партија: Поранешниот миленик на Фемили и Кумани сам ја „згази“ Ц. Звезда (ВИДЕО)

Поранешниот центар на МЗТ Скопје, Куманово и на Кожув, Србинот Урош Луковиќ, го доби признанието за најкорисен кошаркар на 19. коло од АБА-лигата, откако во триумфот на сегашниот тим Морнар ја прикажа сигурно најдобрата партија во кариерата во победата над големата Црвена звезда (71-64).

Високиот центар средбата ја заврши со 23 поени за исто толку минути поминати на паркетот и тоа без промашување во ударите од поле (10/10) и со седум скока и дури шест блокади. Победата на црногорскиот тим ќе беше и поубедлива, со оглед што имаше предност од дури 24 поени на стартот од последниот период, во кој гостите, сепак, ја спуштија огромната негатива.

Луковиќ на кошаркарската сцена првпат беше забележан со настапите во дресот на Куманово, каде што се враќаше во повеќе наврати, а една сезона беше дел и од шампионскиот тим на МЗТ Скопје (2015/16). Оттаму замина во Партизан, чиј голем навивач е, а во моментов ја одработува третата сезона во дресот на Морнар.