„Време е да ги избркаме алкохоличарите од нашата репрезентација!“

Кошаркарската репрезентација на Хрватска речиси да ги загуби дури и теоретските шанси да се пласира на Светското првенство (СП) в година во Кина, откако во септемврискиот прозорец беше поразена од Литванија дома и Полска на гости, по што на виделина излезе голем проблем во тимот – недисциплината и пијанчењето.

„Коцкестите“ за време на подготовките се однесувале како да се на одмор, ниту еднаш не биле сите заедно на еден од оброците во хотелот каде што биле сместени, а сѐ погласни се муабетите за прекумерно конзумирање алкохол. Дел од репрезентативците дури и си дозволувале да седат во кафуле на два часа пред натпреварот, со чаши жесток пијалок пред нив. Сето ова донесе револт во јавноста, а единствен кој проба да даде одговор на сето ова е членот на Стручниот совет, Дино Раѓа.

„Навистина не знам со сигурност. Знам дека излегуваа од хотелот, особено по загубените средби, но не знам што правеле. На крајот, ниту јас ниту Вранковиќ (претседател на федерацијата-н.з.) не сме полицајци за да ги проверуваме. Ако самите не чувствуваат одговорност, тогаш никој нема да може да им помогне. Тоа што сега можам да го кажам е дека во иднина ќе имаме нула толеранција за алкохол. Секако дека ќе можат да се напијат по некое пиво по натпреварите, но било какво пијанчење за време на настапите со репрезентацијата ќе биде забрането. А, тие што нема да го прифатат ова правило ќе бидат избркани“, изјави Раѓа.

Ова не е првпат вакви разговори да се водат по натпреварите на Хрватска, чија селекција има богата историја со проблеми со дисциплината. Анархијата, според медиумите од оваа држава, трае уште од 1996 година, кога почна драстичниот пад на „коцкестите“ почнувајќи од Олимписките игри во Атланта.