Во Словенија се чува врвот: МЗТ Скопје „полага“ тежок испит во Домжале!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ќе му гостуваат на словенечкиот претставник Хелиос Домжале (19 часот), во првиот меч од седмата рунда во АБА2-лигата, во кој ќе пробаат со победа да останат на самиот врв од табелата.

Аеродромци досега имаат скор 5-1 и се на делбата на првото место во регионалното натпреварување заедно со Борац Чачак, пред кого исто така е тешко гостување кај Сплит. Тренерот Ѓорѓи Кочов и неговите избраниците се максимално претпазливи пред овој дуел, пред сѐ поради квалитетот со кој располага противникот, кој има само една победа помалку во досегашниот дел од шампионатот.

Фаворитската улога му е препуштена на домаќинот, што, сепак, не значи однапред предавање во борбата за драгоцените бодови.

„Против себе имаме противник кој сезонава може да се пофали со одличен состав, кој игра добро во транзиција и кој е агресивен во одбраната. Хелиос сигурно е фаворит бидејќи игра на домашен терен, но за тоа кој ќе победи на оваа средба се прашуваме и ние. Се надевам дека ќе се прикажеме во вистинско светло и дека ќе дојдеме до посакуваната цел“, вели Кочов.

МЗТ Скопје во Словенија отпатува комплетен, со новото американско засилување Ерон Харис, кој вечерва ќе го има огненото крштевање во АБА2. Тимот од Аеродром досега има одиграно два меча против вечерашниот ривал, во кои обезбеди исто толку победи и тоа во минатата сезона од истото натпреварување.