Кај нас со девет години играат како сениори, а во Турција со 11 веќе се – тренери!

Најмладиот кошаркар на сениорско ниво во Македонија дебитираше на деветгодишна возраст, кога Никола Гајдаџиев во 2001 година дебитираше во дресот на Никол Ферт, додека во Турција отидоа чекор понапред, па во стручниот штаб на Анадолу Ефес е инволвирано 11-годишно дете.

Станува збор за Сарп Атаман, син на првиот стратег на „пиварите“, кој од неодамна и официјално е негов колега односно е на платниот список на актуелниот европски шампион.

„Точно е дека Сарп има 11 години и дека ми е син, но тоа не е причината што е дел од нашиот стручен штаб. Тој знае сѐ за кошарката и за случувањата во соблекувалната. Наскоро ќе тргне во тренерската академија на Евролигата. Секаде ме следи и ги изработува скаутинзите за натпреварите. Тоа го правеше и за Армани“, изјави Атаман сениор.

На социјалните мрежи се појави и видео на кое малиот Сарп објаснува кошаркарска техника, додека неговиот татко игра одбрана, а потоа и самиот демонстрира колку знае со топката. Зачудувачки, начинот на кој го контролира баскетот е далеку подобар кај синот отколку кај таткото.