Кошаркарите на МЗТ Скопје можеби не блескаа во нападот како на првите средби во АБА2-лигата, но затоа, пак, одиграа агресивно и дрско во одбраната што им ја донесе победата во вечерашниот дуел на домашен терен против словенечка Рогашка (74-54), трета во низа во новата сезона во регионалниот шампионат.

Сино-белите шутираа далеку подобро од противникот, кој не се снајде во брзата игра со многу преземања на македонскиот шампион во дефанзивата, па едвај го погодуваше секој трет шут кон неговиот кош. Словенците почнаа подобро и ја имаа иницијативата во првата четвртина, во која дури имаа и плус седум (18-11), но тоа беше сѐ што направија на овој меч. Аеродромци прво намалија на минус еден пред вториот период (19-20), за потоа со серија 10-1 да дојдат до резултатски пресврт и водство кое потоа не го испуштија до самиот крај.

МЗТ Скопје со ваквиот агресивен начин на игра продолжи и во второто полувреме, во кое од минута во минута буквално го мелеа гостинот од Словенија. Првата тројка на Кристијан Николов значеше и преминување на границата од 20 поени (67-46) и крај на сите надежи на противникот за евентуален пресврт уште во 33. минута.

Составот од „Јане Сандански“ на крајот беше убедливо подобар речиси во сите статистички категории, додека Рогашка имаше само поголем број скокови, што беше резултат на начинот на кој аеродромци играа во одбраната. Дамјан Стојановски со 18 поени (пет тројки), девет скока и дури пет украдени топки беше најдобар кај македонскиот тим, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Бојан Крстевски со 13 и Нуни Омот со 11 поени.

МЗТ Скопје, кој сега има учинок 3-0 на стартот од АБА2, и следниот меч ќе го одигра на домашен терен и тоа следната среда против Борац Чачак.