Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа првиот пораз во АБА2-лигата, откако вечерва, во дуел од 3. коло, по едно продолжение загубија на гостувањето кај словенечка Сикст Приморска (84-91).

Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов долго ќе жалат за пропуштената шанса како гости да го совладаат најголемиот ривал за промоција во елитата, со оглед што имаа добиена завршница, која, за жал, не успеаја да ја капитализираат. Сино-белите имаа плус осум (77-69) на нешто повеќе од една минута до крајот на регуларниот дел, но му дозволија на противникот со осум поени во низа да изедначи. Македонскиот тим го имаше последниот напад, но Лестер Медфорд прво првомаши за тројка, а потоа и погоди, но откако помина времето. Словенечкиот тим доминираше во дополнителните пет минути и сосема заслужено дојде до бодовите.

Аеродромци одлично го отворија натпреварот и одлично го контролираа ритамот и резултатот во првото полувреме. Сино-белите постојано го имаа водството во овој дел од мечот, најчесто помеѓу пет и девет поени, пред сѐ поради одличната игра на четворицата странци. Македонците постигнаа само четири победи во воведните две четвртина, што е и една од причините што „металците“ на полувреме водеа со само пет поени разлика (41-36).

Домаќинот третиот период го почна ептен агресивно, што по само пет минути им донесе целосен резултатски пресврт и прво водство на средбата (51-49). Ова како да ги осоколи кошаркарите на Сикст Приморска, кои продолжија во ист стил до крајот на четвртинатаза највисоки плус шест (61-55).

И, кога сите во салата очекуваа да продолжи притисокот на домашниот тим, кошаркарите на МЗТ Скопје најдоа сили повторно да заиграат како на почетокот. Во првите пет минути од четвртите десет минути направија серија 13-2 и одново дојдоа до повеќе од солидно водство (68-63), со кое најавија дека нема да се откажат од толку посакуваната победа.

Последната минута, во која сино-белите влегоа со плус осум (77-69), донесе непотребна драма по брзоплетите грешки во нападот и двете брзи тројки на противникот, кој дотогаш имаше ужасни 2/24 во ударите од оваа позиција. Словенците намалија на само два поени негатива, а брзо потоа и изедначија на триесетина секунди до крајот (77-77) со осум поени во низа на Ален Хоџиќ за продолжение по пропуштениот последен напад на скопскиот состав.

Клучно за поразот на тимот од Аеродром беше лошата игра под кошевите и далеку помалиот број скокови (33-47), како и фактот што на противникот му дозволија неверојатно 19 офанзивни скокови. Џејмс Вудард со 20 поени и четири украдени топки беше најпрецизен во македонскиот состав, Лестер Медфорд постигна 19 поени и пет асистенции, Иве Иванов имаше учинок од 15 поени и седум скока, додека Андрија Бојиќ додаде 13 поени.

Следен противник на МЗТ Скопје во АБА2-лигата е тимот на Ловќен следната среда во „Јане Сандански“.