Трагедија од епски размери им се случи денеска на кошаркарите на МЗТ Скопје, кои иако три четвртини играа фантастично, сепак, во последните десет минути прокоцкаа предност од дури 19 поени и загубија од Морнар (69-72) во меч од 11. коло од АБА-лигата.

Ова е седми пораз во низа за сино-белите, кој максимално ги закова на дното од табелата во регионалното натпреварување и кој шансите за опстанок им ги сведе речиси на минимум. Аеродромци сега имаат скор 2-9 односно две победи помалку од директните конкуренти, од кои речиси од сите загуби на домашен терен.

Не помогна ниту шок со новиот тренер Жељко Лукајиќ, ниту френетичната поддршка од навивачката група „Фемили“, која по две ипол години се врати на трибините. Мечот беше изедначен во првите неколку минути, по што следуваше серија на МЗТ Скопје од 14-2 за прва двоцифрена предност на стартот од вториот период (24-13). Оваа предност домашниот тим, која најмногу достигна до плус 19 (57-38) ја одржуваше сѐ до средината на последните десет минути, кога гостите со серија 16-3 намалија на само еден поен негатива (66-67). Морнар набрзо потоа и изедначи на 69-69 за драма во последните 120 секунди од средбата.

Дамјан Стојановски промашпи две слободни фрлања, а противникот на среќен начин постигна тројка по речиси невозможна ситуација. На крајот Бојан Трајковски имаше шут за тројка за изедначување, но за жал не успеа да погоди. Трајковски со 17 поени беше најпрецизен во составот од „Јане Сандански“, а Симоновски, Мајсторовиќ и Лалиќ постигнаа по 11 поени.