Тодоров: Во декември како знаеме и умееме мора да победиме на три од четирите средби!

Поразот од лидерот на табелата во АБА-лигата, тимот на Будуќност и не би болел толку многу во таборот на МЗТ Скопје ако не беа ужасните први пет минути во последната четвртина во кои противникот направи неверојатна серија 17-0.

Згора на тоа, според тренерот Александар Тодоров, големиот број офанзивни скокови на противникот биле нешто што додало „сол на раната“.

„Последната четвртина ја одигравме очајно со оглед што примивме дури 32 поени, а почнавме и без ниту еден поен во првите пет минути од овој период иако имавме напад да спуштиме на релативно солидни шест поени негатива. Влеговме во лоша серија во која Будуќност реализира 17 поени во низа, а згора на тоа имаа и 16 офанзивни скокови. Паузата што е пред нас е нешто најдобро што може да ни се случи за да се прегрупираме. Во декември играме четири средби од кои мора три да победиме, а останатите четири триумфо потребни за опстанок да ги бараме во 2018 година“, изјави Тодоров по средбата.