Тодоров: Фантастичниот скок ни ја отвори вратата кон големата победа!

Тренерот Александар Тодоров беше видливо расположен на прес-конференцијата по вечерашната голема победа на МЗТ Скопје на гостувањето кај Игокеа во последниот меч од 4. коло од АБА-лигата.

Стартегот на „металците“ направи анализа на случувањата на теренот и потенцира зошто македонскиот шампион од Лакташи си замина со два бода во џебот.

„Ова беше тежок натпревар со оглед што игравме против еден одличен противник. Двете екипи почнаа катастрофално во одбраната поради што на полувремето имавме резултат како на олстар-дуел од НБА. Во второто полувреме тренерот на Игокеа проба да нѐ збуни со нестандардна петорка во која Рајт играше како центар и со четири бека, но тоа успеавме да го исконтролираме и да победиме тим кој е еден од фаворитите за пласман на фајналфорот. Наша цел е да дојдеме до 9-10 победи, сега по четири кола имаме две и свесни сме дека до крајот нѐ очекува борба идентична како вечерва во Лакташи. Можеби постигнавме 108 поени, но на крајот сметам дека дојдовме до победата поради одличниот скок кад ешто собравме дури 22 топки повеќе од противникот“, изјави Тодоров.