Тенисерот Димитров им „свирна“ техничка на кошаркарите на Задар и ги прати во – карантин!

Веста дека бугарскиот тенисер Георги Димитров е позитивен на Ковид-19 донесе главоболки кај неговите колеги, организаторот на „Адриа тур“, но и во кошаркарскиот тим Задар, каде што речиси сите кошаркари мораа да заминат во карантин поради егзибицискиот меч кој го одиграа со учесниците на тенискиот турнир.

Натпреварот привлече големо внимание, пред сѐ поради присуството на Новак Ѓоковиќ, но поради овој меч во следниот период задрани ќе немаат ниту еден играч на тренинзите. Сѐ додека не биде извршено тестирање, сите се во самоизолација.

„Седуммина од тимот се во карантин, а има и луѓе од управата и од канцеларијата на клубот кои беа во допир со Димитров. Играчите беа во контакт со тенисерите како на теренот, така и на дружбите по мечот. Колку и да беше сето тоа кратко, ситуацијата ја сфаќаме сериозно. Сите ќе бидат тестирани, по што ќе се знаат следните чекори“, вели Иван Иштук, портпаролот на Задар.

Меѓу заразените е и хрватскиот тенисер Борна Чориќ, како и кондициските тренери на Димитров и на Ѓоковиќ. Србинот одбил да се тестира во Задар, а најавил дека тоа ќе го стори денеска во Белград.