Судиите уште еднаш им пресудија: Блокотехна на крајот четврта во БИБЛ!

Кошаркарите на Блокотехна дебитантскиот настап во Балканската лига (БИБЛ) го завршија на четвртото место, откако попладнево загубија во драматичното „мало финале“ против Рилски спортист (92-79) на завршниот турнир во Самоков.

Гевгеличани долго време беа во игра за триумф, но немаа среќа да го решат мечот во регуларниот дел по што немаа сили за дополнителните пет минути. Згора на тоа, во клучните моменти на сцена стапија и судиите, кои им подарија неколку клучни одлуки на домашните кошаркари, исто како и на вчерашното полуфинале со Левски Лукоил. Македонскиот состав овој пат потешко ја прифати неправдата, за што говорат и двете исклучувачки грешки на Стојан Ѓуроски и Марјан Младеновиќ како и самоиницијативното предвремено заминување од клупата на разочараниот тренер Марјан Илиевски. За тоа што се случуваше во продолжението доволно говори резултатот во овие пет минути (15-2).

Блокотехна заслужи многу повеќе на турнирот во Самоков и покрај тоа што настапи без најдобриот кошаркар Двејн Бенџамин поради повреда, но пристрасноста на официјалните лица не им дозволи да ја крунисаат блескавата игра во регуларниот дел од сезоната со подобар пласман од сегашниот.

Данило Мијатовиќ беше фантастичен денеска со 31 постигнат поен со шут 11/18 од поле, а веднаш зад него беше Младеновиќ со 16 поени.