Српските медиуми бесни на Перо Антиќ поради Косово (ФОТО)

Потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу кошаркарските федерации на Македонија и Косово мина без поголема помпа во овие две земји, но (не)очекувано крена голема бура во српските медиуми.

Причина за тоа е улогата која поранешниот играч на Црвена звезда и миленик на Делии, Перо Антиќ, ја имаше како потписник од страната на КФСМ, што од српската јавност беше сфатено како своевидно предавство со оглед што Србија не ја признава косовската независност. Порталите на северот се натпреваруваа во пишување подраматични наслови во кои го прашуваат тројниот европски шампион „зошто го направил тоа“, „што на тоа ќе кажат твоите Делии“, па дури и потенцираат дека „им забил нож во срцето на најверните навивачи на Ц.Звезда“.

Според официјалната интернет-страница на косовската Куќа на кошарката, потпишаниот меморандум е со важност од најмалку две години, а предводува заедничко организирање на турнири и меѓусебни мечеви на сениорско, но и на младинско ниво, размена на стручњаци и заедничко тренирање, како и учество на таленти, тренери и судии на кампови организирани од едната или другата национална федерација. Двете федерации договориле меѓусебна помош при организација на разни кошаркарски активности, а предвидена е заедничка соработка при анимирање на бизнис-секторот во делот на наоѓање спонзори.

Косово веќе неколку години е член на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) и се натпреварува во (прет)квалификациите за Светските одосно Европските првенства, но и покрај тоа оваа репрезентација како и клубовите од државата не се признати од нивната некогаш матична држава Србија.