Србите објаснија зошто селекторот Пешиќ го отпиша Теодосиќ

Во српската спортска јавност вчера се крена голема врева, затоа што селекторот на кошаркарската репрезентација, Светислав Пешиќ, го пречкрта името на Милош Теодосиќ за списокот со 12 играчи на кои ќе смета на претстојниот Евробаскет.

Велат дека околу 60 отсто од јавноста не се согласува и е бесна на Пешиќ со одлуката да се откаже од услугите на 35-годишниот плејмејкер и почнаа да нагодуваат која е причината, дали имало некоја кавга меѓу нив и сл. Српски „Телеграф“ се обиде да објасни дека не било до никакво недоразбирање, туку само концепциска определба на стратегот.

„Како што дознаваме, не дошло до никаков конфликт и единствената причина поради која Пешиќ решил да го отпише Теодосиќ е тоа што не му се вклопува во концептот на тимот. Исто тоа му го соопштил во текот на денот.“, пишува Телеграф.

Исто така, српскиот портал потсетува дека Пешиќ уште на собирот изјави дека има визија и дека најдобриот тим не го сочинуваат најдобрите 12 кошаркари, туку 12-те кои најдобро функционираат.

„Имам визија како треба да играме и според тоа ги бирам играчите, според начинот на кој сакам да играме. Кој ќе биде вклучен, ќе мора да ги бираме улогите, тоа е процес кој трае, има време, работиме на тоа што порано да донесеме одлука“, изјави тогаш Пешиќ.

Теодосиќ е 15 години во српската репрезентација и, што е интересно, само втор класичен плејмејкер покрај Василије Мициќ. Многубројни индивидуални признанија говорат за неговата величина, како наградата за МВП во Евролигата во 2010 година и признанието за играч на годината според ФИБА, истата 2010.