Србија шокирана: Најдобриот кошаркар повеќе нема желба да игра за репрезентацијата!?

Претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Србија (КСС), легендарниот Предраг Даниловиќ ја шокираше целата домашна јавност, откако посочи дека најдобриот и најплатениот српски кошаркар во моментов, Никола Јокиќ нема повеќе желба да игра за српската репрезентација.

Центарот на Денвер Нагетс, кој има ептен забележителни настапи во најсилната лига НБА за Србија нема играно уште од Олимписките Игри во Рио де Жанеиро пред две години, кога со „орлите“ го освои среброто и потоа го пропушти Евробаскетот лани, а сега го нема ниту во составот за квалификациите за Мундобаскетот идната година во Кина. Тој постојано беше на списокот на селекторот Александар Ѓорѓевиќ, но не заигра ниту еднаш.

„Мислам дека тој повеќе нема желба да игра за Србија. Да не се лажеме, тоа е така, само што тој тоа треба јавно да го каже. Јас како претседател на КСС би бил најсреќен да дојде и да игра за репрезентацијата, ама сооглед на некои последни неиграња и причини поради кои не можел да игра, јас во сето тоа не верувам. Првата година требаше да потпише голем договор и тоа го разбрав и го поддржав. Зошто да ризикува егзистенција, па тоа ми е разбирливо. Ама, некои други причини не ми се разбирливи. Јас сакам Никола да биде со тимот, ама не сум сигурен дека постои волја кај него. Се надевам дека грешам“, изјавил Даниловиќ.