Србија има нов селектор: Најдобриот во Европа ќе ги предводи „орлите“ кон Токио!

Игор Кокошков е нов селектор на српската кошаркарска репрезентација, јавуваат медиумите кај нашиот северен сосед.

Тренерот кој ја предводеше Словенија до титулата на Европското првенство во 2017 година, сега ќе има за задача да ја одведе Србија на Олимписките игри во Токио идната година. 

Кокошков ќе го наследи Александар Ѓорѓевиќ, кој си поднесе оставка по лошиот настап на Србија на Светското првенство во Кина оваа година. Српскиот тренер беше во игра и за клупата на Панатинаикос, но Српската кошаркарска федерација успеа да го убеди да ја преземе работата со националниот тим.

Моментално, Кокошков ја извршува функцијата помошник тренер во Сакраменто кингс во НБА-лигата, но клубот му даде дозвола да седне на клупата на Србија. Кокошков лани беше прв тренер на Феникс, а претходно беше дел од стручните штабови на Лос Анџелелес клиперс, Кливленд, Орландо и Јута. 

Првиот голем предизвик за новиот српски селектор ќе биде квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игра, а олеснителна околност за популарните „орли“ е фактот што ќе бидат домаќини на турнирот, што ќе се игра во јуни идната година.