Состојбата на Кузмиќ е подобра, но останува сложена – утре ќе биде опериран

Центарот на белградска Црвена Звезда, Огњен Кузмиќ, кој имаше тешка сообраќајна несреќа викендов утре ќе биде опериран, а состојбата значително се подобрила во однос на вчерашниот ден.

Според информациите на „Телеграф“, состојбата на Кузмиќ се подобрува, но останува сложена и добра најава е што белите дробови почнале да функционираат самостојно, а центарот почнал да ги мрда рацете и нозете. Кузмиќ беше ставен во индуцирана кома за да не ги трпи силните болки после тешката сообраќајка.

Црвена Звезда преку ново соопштение објави дека здравствената состојба е подобрена во однос на вчера.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека општата здравствена состојба на Огњен Кузмиќ е подобра во однос на вчерашниот ден, но останува зложена. Огњен и понатаму е во индуцирана кома, но неговите бели дробови сѐ подобри и тие делумно самостојно функционираат, па во се поголем обем нашиот кошаркар може самостојно да дише. Со одлука на лекарскиот тим во среда тој ќе биде опериран, пред се операција на горната вилица за да се тргнат проблемите со неговото дишење. Поради сложеноста на интервенцијата, Кузмиќ ќе остане во индуцирана кома додека не се изврши операцијата“, објави белградскиот клуб.