Соколов го облекува дресот на МЗТ Скопје, жестока битка за потписот на Николовски!

Дефинитивниот распад на Карпош Соколи денеска добива уште една потврда и тоа преку најавеното заминување на двајца репрезентативци од овој клуб – Дарко Соколов и Кирил Николовски.

Соколов веќе е начелно договорен со МЗТ Скопје и се очекува само формализирање на соработката додека најсериозен кандидат за потписот на Николовски е Работнички, иако во игра, неофицијално, се уште неколку други прволигашки екипи. Претходно, од таборот на „соколите“ си заминаа Американците Мекфејден, Колинс и Браун, Хрватот Делиќ и резервистот Јакимовски.

Со доаѓањето на Соколов уште повеќе ќе се засили бековската линија на „металците“, пред кои се две недели за прегрупирање во пресрет на исклуичително тешкиот декември во кој мора да дојдат до најмалку три победи во АБА-лигата. Тоа значи и сигурна разделба со Бобан Стајиќ, кој би заминал во средина каде што би добил поголема минутажа, која ионака беше загрозена со ангажманот на Никола Павличевиќ и Доминик Мавра.

Битката за Николовски пак е жестока, а наскоро ќе се знае кој ќе излезе како побендик од неа.