Пред десет години беа газени од Фени, а сега се - лидери во АБА!

Кошаркарите на Морнар од Бар со синоќешната победа на гости над Цибона (92-78) не само што се искачија на врвот од табелата во АБА-лигата, туку и најавија дека крајна цел им е освојување на титулата во регионалното натпреварување, што би било вистинска сензација за малиот клуб од Црна Гора.

Приказната поврзана со овој тим е доказ дека со стабилна управа и богати газди, кои патем се и претседател и тренер на клубот (браќата Михаило и Ѓорѓие Павичевиќ) може да се дојде до посакуваната цел и тоа за многу кусо време. Потврда за тоа е фактот што пред десетина години Морнар беше просечна екипа, која му беше „пациент“ на нашиот Фени индустри (сегашен Еуро Никел). Кавадарчани во минатото беа кошмар за тимот од Бар со кој три сезони по ред се сретнуваа во Балканската лига (БИБЛ). Двата тима одиграа седум меѓусебни средби во кои скорот беше 6-1 во корист на Фени.

Името на Морнар ќе остане запишано во историјата на составот од Кавадарци, со оглед што против овој тим во 2011 година беше освоена единствената меѓународна титула на било кој македонски кошаркарски клуб. Ривалството помеѓу двата тима почна во 2009 година кога црногорскиот состав беше прегазен во Кавадарци, а заврши во 2012 година со четвртфиналната плејоф-пресметка во која Фени И. славеше со 2-0. Последниот меч некогашниот балкански ривали го одиграа во Бар кога Бугаринот Иван Лилов донесе драматична победа со тројка во последната секунда.

Оттогаш, кавадаречкиот состав се стопи во сивилото на макбаскетот и стана само просечен прволигаш, откако по ерата освоени пехари (три титули, две победи во Купот и една во БИБЛ) влезе во финансиска криза. Морнар, пак, од година во година напредуваше, па од пациент на Фени стана респектабилен тим, кој во моментов ја игра можеби најатрактивната кошарка на просторот на поранешна СФР Југославија и има сериозни шанси да се вмеша во борбата за трофејот. Згора на тоа, се пласира во вториот круг од престижниот Еврокуп, а во меѓувреме успеа да го симне Будуќност од тронот и да се закити со шампионската титула во Црна Гора.

А, сето ова не би било можно без милионските вложувања на браќата Павичевиќ, кои важат за едни од најбогатите и најуспешни бизнисмени во оваа поранешна југословенска република со излез на Јадранското море.