Како и целиот Балкан, ниту Цетиње денеска не беше поштеден од ниските температури, што и тоа како можеше да се забележи на денешното гостување на МЗТ Скопје кај Ловќен (победа 85-67), особено ако се погледат фотографиите на играчите од Аеродром кои на клушата седеа буквално со – зимска опрема.

Резервните играчи и дел од членовите на стручниот штаб целиот натпревар го проследија со сета облека што ја имаа, вклучувајќи ги и зимските јакни, што на моменти ги врати на старата сала „Јане Сандански“ во која во „најдобрите“ времиња на паркетот беше пониска температурата отколку надвор. Пропистите во АБА2 наложуваат домаќинот да обезбеди најмалку 16 степени во салата, што очигледно ги немаше, но македонскиот претставник не сакаше да прави проблеми односно претпочиташе бодовите да ги освои на паркетот, а не на „зелената маса“.