Втора гостинска победа сезонава за зацврстување на втората позиција на табелата за кошаркарите на МЗТ Скопје, откако вечерва излегоа подобри во пресметка со директниот ривал за висок пласман, сараевски Спарс (75-71), во меч од 11. коло од АБА2-лигата.

„Металците“ иако настапија десеткувани, без дури тројца македонски репезентативци и тоа повредените Љубомир Младеновски, Марко Симоновски и Дарко Соколов, одиграа квалитетно и сосема заслужено дојдоа до посакуваните бодови. Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов доминираа во текот на сите 40 минути, а најдобар показател за тоа е фактот што домаќинот само во два наврати дојде до егал-ситуација, а ниту еднаш не беше во водство.

Како клучна за триумфот се покажа серијата 11-2 во финишот од третата и на почетокот од последната четвртина, со која беше вратено највисокото водство од девет поени (63-54). Тоа ја врати самодовербата кај кошаркарите на МЗТ Скопје по налетот на екипата од Сараево, кои потоа умешно го приведоа натпреварот кон „мирните води“. Домаќинот на крајот дојде и на само минус еден (71-72), но гостите подобро се снајдоа во пенал-завршницата.

Американецот Џејмс Вудард го одигра сигурно најдобриот меч откако е дојден во македонскиот тим и со 24 поени, пет скока и четири украдени топки беше најдобар во составот од Аеродром. Фантастичен беше и хрватскиот интернационалец Иве Иванов, кој средбата ја заврши со 19 поени и шест скока. Лестер Медфорд имаше учинок од 10 поени и по шест скокови и асистенции.

Македонскиот претставник во АБА2 сега има учинок 8-3 и е осамен на второто место на табелата, зад засега неприкосновената Приморска која има скор 11-0. Следниот меч за МЗТ Скопје е веќе во вторник, кога ќе му гостуваат на словенечкиот тим Хелиос.