Шок од Парк: Работнички не отпатува за Бања Лука, го пропушта вториот турнир од АБА2!

Постојат сериозни шанси екипата на Работнички да не се појави на вториот турнир од АБА2-лигата, кој утре почнува во Бања Лука, откако екипата не отпатува кон овој босански град иако таму требаше да пристигне уште во текот на вчерашниот ден.

Причина за ова, неофицијално, се проблемите со коронавирусот, односно појавата на заразени со Ковид-19 на задолжителното тестирање пред тргнувањето кон БиХ. Засега нема прецизни информации колкумина од таборот на целтарци се позитивни и дали 15-кратниот шампион во последен момент ќе собере сили односно доволен број играчи за да отпатува за Бања Лука.

„Чекаме да видиме колкумина од екипата се заразени со коронавирусот, по што ќе решиме што ќе правиме“, кусо ни изјавија од таборот на Работнички.

Според распоредот, црвено-белите од „Градски парк“ на паркетот во салата „Борик“ би требало да се појават утре и тоа во пресметката со сараевски Спарс (21 часот). Ако центарци не отпатуваат во Бања Лука поради поголем број заразени со Ковид-19, трите натпревари што би требало да ги одиграат во Република ќе ги загубат со службени 0-20. Покрај Спарс, избраниците на тренерот Димитар Мираковски е предвидено да играат уште и со Горица (четврток) и Златибор (недела). Ваков случај веќе имаше во АБА2 на првиот турнир на Златибор, кога поради исти проблеми со коронавирусот не допатува хрватскиот тим Горица, која тогаш забележа четири службени порази, колку што требаше да одигра натпревари.

Вториот македонски претставник во ова регионално натпреварување, екипата на МЗТ Скопје утринава пристигна во Бања Лука, каде што првиот меч ќе го одигра задутре против Хелиос. „Металците“ потоа ќе ги одмерат силите со Слобода Ужице (петок) и Студентски центар (недела).