Кошаркарите на МЗТ Скопје со победа го завршија регуларниот дел од сезоната во АБА2-лигата, откако попладнево, на домашен терен, без поголеми проблеми го совладаа десеткуваниот тим на Спарс (93-77), кој во Скопје допатува без четворицата најдобри играчи (Албијаниќ, Против, Врабец и Бајрамовиќ).

Причина за ваквата калкулација на тимот од Сараево беше фактот што овој меч немаше резултатско значење, односно веќе се знаеше дека двата тима ќе се сретнат во полуфиналето од плејофот. Ова, сепак, не ги спречи сино-белите да си одиграат како што треба и со малку поразноврсна распределба на минутажата да дојдат до посакуваната победа, значајна за самодовербата пред доигрувањето за влез во АБА.

Аеродромци клучната предност ја обезбедија во третиот период, откако во првото полувреме постојано ја имаа иницијативата и водството, но тоа во ниту еден не беше изразено со двоцифрена разлика. Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов во 27. минута имаа плус 16 (66-50), по што следуваше големо опуштање кое беше казнето со низа од десет поени на противникот, кој со тоа врати каква-таква неизвесност во натпреварот. Но, кошаркарите на МЗТ Скопје брзо одговорија со серија 12-0, за ново највисоко водство (78-60), кое овој пат им ја осигура посакуваната победа.

Предраг Самарџиски беше убедливо најдобриот поединец во тимот од Аеродром со дабл-дабл ефект од 26 поени и 14 скока, заедно со четири асистенции. Нијанси зад него беше Иве Иванов со 19 поени, три скока и пет асистенции, а двоцифрен поентерески ефек имаа уште и Џејмс Вудард и Дамјан Стојановски со 15 односно 11 поени.

Полуфиналната плејоф-серија помеѓу МЗТ Скопје и Спарс почнува следната среда (20 март), кога македонскиот претставник ќе гостува во Сараево. Реваншот во „Јане Сандански“ е на 24 март, додека евентуалниот решавачки меч ќе се игра повторно во босанската престолнина и тоа на 28 март.